Постои „реална закана“ од руска инвазија на Украина, предупреди денеска британската министерка за надворешни работи Лиз Трас и посочи дека е „многу малку веројатно“ британски војници да бидат распоредени да се борат во каков било конфликт.

Наместо тоа, Обединетото Кралство, рече таа, испраќа оружје во Украина и го „зајакнува“ својот систем на санкции, така што олигарсите блиски до Кремљ „немаат каде да се кријат“.

Трас за Би Би Си изјави дека и Велика Британија им нуди дополнителна поддршка на сојузниците во НАТО, оценувајќи дека секоја инвазија би била „ужасна за Европа“.

Русија распореди околу 100.000 војници, тенкови, артилерија и ракети долж украинската граница, но отфрла дека планира инвазија на поранешната советска република, која граничи и со Русија и со ЕУ, наведува британскиот јавен сервис.

Сепак, шефицата на британската дипломатија тврди дека постои „голема веројатност“ рускиот претседател Владимир Путин да сака да изврши инвазија.

– Правиме се што можеме за да го поттикнеме (Путин) да се откаже преку одвраќање и дипломатија, истакна Трас.

Според новиот британски закон, санкциите потенцијално би можеле да бидат насочени кон „кој било интерес што има влијание врз руската Влада“, објасни Трас, изразувајќи очекување дека Форин офисот утре во британскиот Парламент ќе изгласа построги санкции против Русија.

Претходно оваа недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Западот да не создава паника, велејќи дека предупредувањата за неизбежна инвазија ја ставаат во опасност украинската економија.