Советот за безбедност на ОН денеска за првпат ќе расправа за ситуацијата во Украина, откако Русија распореди војска близу границата и предизвика тензии со Западните земји.

Прашање дојде на дневен ред по неформалните разговори на САД со другите членки на Советот за безбедност и Украина. Потребно е целосно внимание на Советот и со нетрпение очекуваме директна и целисходна дискусија во понеделник, рече Американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд.

-Советот за безбедност е обединет, нашите ставови се едногласни и ги повикуваме Русите да се изјаснат, ќе одиме во просторијата подготвени да ги слушаме, но нема да наседнеме на нивната пропаганда и ќе бидеме подготвени да одговориме на секоја дезинформација што тие ќе се обидат да ја шират за време на состанокот“- Линда Томас-Гринфилд, Американската амбасадорка во ОН..

Расправата ќе биде отворена за јавноста. Вашингтон гледа сигнали оти Москва е заинтересирана да зборува за американскиот одговор на рускиот предлог за безбедносни гаранции, изјави заменичката-државен секретар на САД Викторија Нуланд. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се очекува да седнат на маса следната недела за евентуално дипломатско решавање на проблемот во Украина.

Украина во неделата ја повика Русија да ги повлече своите сили натрупани долж границата на двете земји и да го продолжи дијалогот со Западот доколку таа „сериозно“ сака да ги намали тензиите.

Русија распореди повеќе од 100.000 војници и тешко оружје во близина на украинската граница, објавија западните земји. Русија, бара од САД и НАТО да не ја прошируваат Алијансата на исток, вклучително и Украина, како и да не распоредуваат тешко вооружување, вклучително и нуклеарно оружје.

Американскиот Конгрес е блиску до постигнување договор за нови економски санкции против Русија, изјави влијателниот демократски сенатор Боб Мененедез и се закани со „сериозни последици" за Москва доколку ја нападне Украина.