Портпаролот за надворешна политика во ЕУ, Петер Стано, денеска изјави дека ЕУ работи на дипломатски начин со Русија, но дека во случај на агресија врз Украина последиците ќе бидат политички и економски, јави дописничката на МИА од Брисел.
-ЕУ во овој момент е во фаза на решавање на проблемите со Русија преку дијалог, но ако пропаднат дијалогот и дипломатијата, подготвени сме за мерки на одвраќање, рече портпаролот Стано на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Тој истакна дека Европската унија ги разгледува сите можни опции доколку дојде до руска агресија во Украина.
-Ќе има сериозни политички последици и агресорот ќе плати масовна економска цена, додаде Петер Стано.
Санкциите кои би се усвоиле во одговор на евентуален напад на Русија врз Украина би биле пропорционални на тој напад, а ЕУ се координира со своите трансатлантски партнери во овој дел исто така, главно САД, Канада и НАТО.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, минатата недела учествуваше на министерскиот состанок за надворешни работи на ЕУ на кој се разговарало на оваа тема, а канадската министерка за надворешни исто така го посети Брисел минатата недела со иста цел – координација на одговорот на трансатлантската заедница во случај на руски напад врз Украина.