Кремљ денеска ја осуди заканата од Лондон за воведување санкции за руски компании и бизнисмени поврзани со рускиот претседател Владимир Путин и наведе дека таквите потези ќе им наштетат и на британските компании.

Велика Британија ќе ги санкционира сите деловни интереси и луѓето кои се најтесно поврзани со Путин доколку Русија преземе каква било акција против Украина, изјави претходно секретарот за финансии Сајмон Кларк.

– Јасно ставаме до знаење дека ако Русија преземе акција против Украина, тогаш дополнително ќе ги заостриме санкциите кон режимот таргетирајќи ги деловните кругови и луѓето најтесно поврзани со Кремљ, изјави Кларк за Скај Љуз.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека заканата е напад врз руски компании, што ја поткопува инвестициската клима во Британија и ги зголемува тензиите во Европа.

Од 1991 година, кога се распадна Советскиот Сојуз, Лондон, или како што често го нарекуваат „Лондонград“, стана реномиран глобален центар за прилив на огромни суми пари од поранешните советски републики.

Противниците на Путин постојано го повикуваа Западот да ја заостри политиката кон руските пари, иако руските власти продолжуваат да инвестираат во некои од најлуксузните европски дестинации.

САД, ЕУ и Велика Британија го предупредија Путин дека ќе се соочи со последици во случај на напад врз Украина долж чија граница распореди околу 100.000 војници.

Русија ќе одговори на секоја слична акција на начин што ќе биде заснован на нејзините интереси, рече Песков на брифингот.

Велика Британија воведе санкции за 180 лица и 48 ентитети од руската анексија на Крим во 2014 година.

Списокот со санкции вклучува шест лица за кои Британија тврди дека се блиски со Путин: бизнисмените Јуриј Ковалчук, Аркадиј Ротенберг и Николај Шамалов, поранешниот офицер на КГБ Сергеј Чемезов, секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев и началникот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников.

Санкциите и овозможуваат на Британија да го замрзне имотот на поединец и да му забрани влез во Обединетото Кралство.

Покрај тоа, тие му забрануваат на секое лице да тргува со пренослива хартија од вредност или инструмент на пазарот на пари по 2014 година со рок на доспевање над 30 дена издадени од Сбербанк, ВТБ банка, Гаспромбанк, Внешекономбанк (VEB), Роселхозбанк, ОПК Оборонпром, Јунајтед Еркрафт Корпорејшн (United Aircraft Corporation), Уралвагонзавод, Роснефт, Транснефт или Гаспром Нефт.