Европската унија би можела да се справи со кус прекин на испораката на рускиот гас, но со тешки последици по економијата и итни мерки за намалување на побарувачката, покажува истражување на институтот Бригел.

Ескалацијата на тензиите помеѓу Западот и Русија околу Украина предзвика загриженост за испораката на рускиот гас во Европа, поттикнувајќи ги Европската комисија и САД да побараат алтернативни опции за набавка, забележува Ројтерс.

Доколку Русија потполно го запре извозот на гас, Европската унија ќе мора да го зголеми увозот на течен природен гас (LNG) и да воведе итни мерки за намалување на побарувачката, како што е затворање фабрики, со цел да спречи сериозен недостиг, покажува анализата на институтот Бригел.

– Сценарио со конфликт подразбира тешки и скапи одлуки за Европа за правилно да се постапи во ситуацијата и ќе има тешки последици врз економијата, предупреди Симон Таљапитра, виш соработник во Бригел.

Изминативе месеци набавката од Русија е помала, што и се очекуваше, па цените нагло се зголемија. Во такви услови, домаќинствата во Европа веќе се соочија со поголеми сметки, а секторите на економијата, што се потпираат на гас, принудени се да го намалат производството.

Русија покрива околу 40 отсто од потрошувањето на гас во ЕУ, со големи разлики меѓу земјите членки во зависност на увозот на рускиот гас.

Инфраструктурни круши и јаболка

Терминалите за увоз на течен природен гас се концентрирани на Пиринејскиот Полуостров, така што регионот може да увезува 40 терават – часови гас месечно, а може да троши само 30 терават – часови.

Проблем е транспортот на вишок гас во остатокот од Европа, бидејќи постојните цевководи овозможуваат транспорт до максимум пет терават – часови месечно.

Гасот кој стигнува во Франција веќе е обработен за комерцијална употреба и обично не може туку така да се упати во соседните системи.

Во северозападна Европа пак, гасот има различни калориски вредности, кои бараат и различна инфраструктура.

Гасоводниот систем во централна и источна Европа е дизајниран да транспортира гас од исток и покрај капацитетот за промена на протокот, премногу гас од запад може да предизвика застој и да ја спречи испораката на потребната количина гас.

Тоа значи дека во државите во тој регион постои закана од недостиг доколку Москва ја намали испораката, заклучуваат во институтот.

Сомнителна замена

Постоечката инфраструктура во принцип овозможува поголем увоз на гас од Норвешка и северна Африка и поголеми испораки на течен гас, од вкупно 17 терават – часови неделно, што би можело да го замени постоечкото ниско ниво на увоз од Русија од 18 терават часови неделно.

Но, ако имате инфраструктура, не значи дека имате и гас, предупредува институтот, потсетувајќи на изјавата од норвешкиот премиер дека неговата земја во ЕУ веќе испорачува максимални количини на гас и дека понудата на LNG на пазарите е тесна.

Тие земји можеби нема да се во можност да ја зголемат испораката на гас, па ќе биде потребно во исто време да се намали побарувачката, се истакнува во студијата.

Март или април?

Ако Русија ја запре испораката на гас во февруари, која во 2021 година достигна до околу околу 1.700 терават – часови, резервите на гас во складиштето во ЕУ може да се намалат на само 140 терават – часови во април.

Доколку температурите се многу ниски, складиштата ќе бидат празни до крајот на март, предупредуваат од Бригел.

Во случај прекинот на испораката да се продолжи до следната зима и подолго, ЕУ ќе има многу повеќе проблеми и ќе биде принудена дополнително да ја ограничува потрошувачката. Алтернативни опции се поголема потрошувачка на јаглен, а со тоа и повисоки емисии на CO2, и политички чувствителното германско одложување на затворањето на нуклеарните централи.

Скокот на побарувачката за течен природен гас може уште повеќе да ги зголеми цените, што би ја погодило економијата на ЕУ и сиромашните земји кои LNG купуваат на аукции.

Европските терминали за гасификација и неискористениот капацитет на гасоводот, технички би можеле да покријат замена на руски гас од 1.700 TWh, но во пракса може да останат неискористени поради ограничениот глобален капацитет за втечнување и обврските на добавувачите на LNG кон Азија, сметаат во институтот.

Хина – Загреб