Европската комисија почна истрага за да утврди дали германската државна железничка компанија Дојче Бан и нејзината подружница ДБ Карго со ангажман за книжење загуби, ги прекршиле европските правила за државна помош.

ЕК денеска соопшти дека добила жалба на ДБ Карго, чии континуирани загуби ги презема матичната компанија, според договор од 2012 година.

Договорот, меѓу другите мерки, можеше да му даде предност на ДБ Карго пред своите конкуренти со тоа што ќе му дозволи да инвестира во раст и проширување на бизнисот и во проширување на флотата, и покрај тоа што не работи во добивка, се наведува во жалбата, според ЕК.

Германската Влада и другите акционери сега ќе имаат можност, заедно со неименуваниот подносител на жалба, да достават аргументи со кои ќе ја побијат или поткрепат, додаваат од Брисел.

Покренувањето истрага само по себе не значи дека компанијата и Владата ги прекршиле прописите за конкуренција, но доколку регулаторот утврди дека тоа го направиле, може да им изрече високи казни, јави ДПА.

ДБ доминира на германскиот пазар за меѓуградски превоз со своите возови Intercity Express (ICE) и Intercity. ДБ Карго има малку повеќе конкуренти, но сепак контролира речиси половина од железничкиот сообраќај, според бројките објавени од компанијата.