Британскиот премиер Борис Џонсон денска се извини во Парламентот и вети дека ќе ги „поправи“ грешките по објавувањето на извештајот за организирани прослави во Даунинг стрит за време на „локдаунот“ во земјата, со што беа прекршени рестриктивните мерки воведени поради пандемијата на Ковид-19.

Во извештајот на Сју Греј во врска со собирите се наведува дека однесувањето на владејачката партија „тешко може да се оправда“.

– Сакам да се извинам, истакна Џонсон во Парламентот, каде се уште трае неговата дебата со пратениците. Британскиот премиер рече дека ќе научи од критиките и ќе воведе промени во функционирањето на Даунинг стрит.

– Сакам да им кажам на луѓето во оваа земја – знам што е проблемот, а тоа е дали може да и се верува на оваа влада. Јас велам дека може, нагласи Џонсон.

Медиумските извештаи за повеќе од десет собири во градината на Даунинг Стрит 10, вклучително и „забава“ на која гостите требаше да „донесат сопствен алкохол“, предизвикаа огромен гнев во јавноста, бидејќи таквото однесување покажа дека политичката елита не се придржува кон строгите правила на изолација воведена за цела држава.

Џонсон беше критикуван во Парламентот и од неговата претходничка, премиерката Тереза ​​Меј, која истакна дека луѓето имаат право да очекуваат премиерот и владата да ги разберат и да се придржуваат до преземените мерки.

Извештајот на државната службеничка Сју Греј во врска со тврдењата за забавите организирани во канцелариите на британскиот премиер Борис Џонсон во Даунинг стрит за време на „локдаунот“ во земјата, е ограничен во детали, со оглед на посебната истрага на Метрополитен полицијата.

Главните заклучоци содржат:

– Со оглед на ограничувањата што владата ги наметна на пошироката јавност и жртвите кои требаа луѓето да ги направат, „некои од однесувањата околу овие собири е тешко да се оправдаат“, напиша Греј.

– Има „сериозен неуспех“ да се запазат високите стандарди во Владата.

– „Премалку се размислувало“ за тоа како јавноста, погодена од најстроги ограничувања во секојдневниот живот, ќе гледа на ваквите собири.

– Во нејзината најсилна критика, таа наведува дека одговорните во Даунинг стрит и Кабинетот демонстрирале „неуспеси во лидерството и расудувањето“. „Не требаше да се дозволи да се случат некои од настаните. Не требаше да се дозволи други настани да се развиваат“, напиша таа.

– Прекумерното консумирање алкохол на работно место „не било соодветно“, по извештаите за пијани лудории од персоналот, вклучително и шверц на куфер полн со алкохол во Даунинг стрит.

– Градината на Даунинг стрит беше злоупотребена за собири „без јасно овластување или надзор“.

– Некои од 70-те луѓе од кои Греј земала изјава рекоа дека се чувствуваат „неспособни да пријават или да го оспорат лошото однесување“.

– „Од овие настани може да се извлечат значајни заклучоци што мора веднаш да се решат во Владата“, заклучи Греј. „Не треба да се чека да се завршат полициските истраги“.

Наводите дека британскиот премиер и неговите блиски соработници ги прекршиле строгите ограничувања наметнати од Владата за борба против коронавирусот, предизвикаа гнев во јавноста, но и интензивни расправии во Конзервативната партија на Џонсон, при што некои пратеници бараат негова оставка