Американската заменик државна секретарка, Венди Шерман, телефонски разговараше со бугарскиот премиер Кирил Петков.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, двајцата го потврдиле постојното стратешко партнерство меѓу САД и Бугарија. Таа му честитала на Петков за неодамнешната одлука на Организацијата за економска соработка и развој да почне разговори со Бугарија за нејзиниот пристап и ја потврди посветеноста на САД да работат со колегите членки на ОЕЦД за поддршка на пристапот на Софија.
Заменик државната секретарка му се заблагодарила на премиерот Петков за улогата на Бугарија како сигурен сојузник во НАТО во поглед на ескалацијата на руските дејствија кон Украина. Двајцата разговарале и за заедничката посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Шерман и Петков, исто така, ги коментирале и целите на бугарската Влада во справувањето со пандемијата на Ковид-19, диверзификацијата во чисти извори на енергија и спроведувањето на антикорупциските реформи, како приоритети што ќе донесат корист за бугарското општество.