Бремената новинарка од Нов Зеланд која остана во Авганистан поради анти-ковид мерките и ограничувањата за влез воведени од нејзината земја, денеска изјави дека властите на Нов Зеланд и понудиле начин да се врати дома.
Официјалните лица прво инсистираа новинарката Шарлот Белис да мора повторно да аплицира за место во хотел за карантин, но се откажаа и ѝ понудија ваучер за соба.
Нов Зеланд има илјадници граѓани во странство кои чекаат за нив да се ослободат места граничните хотели за карантин управувани од армијата.
Шефот на новозеландскиот карантински систем Крис Бани рече дека на Белис и е дадена нова понуда затоа што Авганистан е исклучително опасен и постои ризик од тероризам, додавајќи дека можноста да им се помогне на луѓето на терен е ограничена, особено по повлекувањето на американските сили.
Тој додаде дека публицитетот за случајот Белис не бил одлучувачки фактор и оти нејзината безбедност е единственото нешто што треба да се земе предвид.
Белис(35), работела како дописничка од Авганистан за катарската медиумска мрежа Ал Џезира. Таа поднесе оставка во ноември бидејќи во Катар е незаконски невенчана жена да биде бремена.
Белис потоа отпатувала за Белгија, обидувајќи се да добие престој во земјата на нејзиниот партнер фотографот Џим Хејлбрук, но поради долготрајноста на процесот, таа останала во Белгија со истечена виза.
Таа и Хејлбрук се вратиле во Авганистан бидејќи имале виза за таа земја и оттаму водат битка за враќање во Нов Зеланд.
Официјални лица од Нов Зеланд рекоа дека Хејлбрук ќе го добие истиот ваучер како Белис доколку пристигнат со истиот лет.