Претседателот на Народното собрание на Бугарија, Никола Минчев, денеска учествуваше на комеморацијата за загинатите во комунистичкиот терор и жртвите на незаконски изречените смртни пресуди од нелегалниот Народен суд.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на церемонијата се одржа молебен за настраданите, а на споменикот цвеќе положија и претседателот на Бугарија Румен Радев, како и неговиот претходник Росен Плевнелиев.
На различни места во Бугарија денеска се одбележува споменот на убиената политичка, воена, културна, духовна и научна елита на Бугарија од периодот пред воспоставувањето на комунистичкиот режим. Во тоа време стрелани биле над 150 лица, меѓу кои тројцата регенти, 67 пратеници, 22 министри од бугарските влади меѓу 1940 и 1944 година и сите премиери од тој период.
Народниот суд издал вкупно 2.730 смртни пресуди и 1.305 казни доживотен затвор, повеќе отколку во Нирнбершкиот судски процес.
Кога дејствувал Народниот суд, Бугарија била окупирана од советската армија и бил извршен вооружен пуч меѓу 8 и 9 септември 1944 година. Укинат е Трновскиот Устав и на негово место се создал таканаречениот устав на Димитров со кој се забранува повеќепартискиот систем и во земјата се воведува Бугарската комунистичка партија.
На нелегален референдум во 1946 година, укината била монархијата и Бугарија била прогласена за „народна република“.
Меморијалната церемонија ја воспоставија претседателите на Бугарија Жељо Желев (1990-1997) и Петар Стојанов (1997-2002).