Хотелот „Хилтон“ во Атина, по 59 години работа, вчера ги испрати и последните гости и од денеска е затворен, за да се реновира и одново да се отвори во 2024 година, но под името „Конрад“, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчката компанија „Ionian Hotel Enterprises“, во чија сопственост е „Хилтон“, најави нов луксузен хотел со 280 соби и апартмани, но и приватни станови, а реновирањето ќе чини 130 милиони евра.
Хотелот беше отворен на 20 април 1963 година, а во изминатите речиси 60 години во „Хилтон“ престојувале голем број светски ѕвезди и познати личности меѓу кои и Жан Пол Белмондо, Франк Синатра, Ентони Квин, принцот Алберт, Аристотелис Оназис, Џоан Колинс итн.
При патувањата во Атина за официјални или работни посети, голем дел од странските претседатели и премиери, престојуваа токму во „Хилтон“, како што беше случај и при посетата на претседателот Стево Пендаровски во октомври минатата година.
Во 2004 година, за време на Олимписките игри во Атина, во „Хилтон“ беше седиштето на Меѓународниот олимписки комитет, а за време на економската криза во Грција, главните состаноци на т.н. Тројка, односно претставниците на ЕУ, ММФ и Европската централна банка со грчките власти беа токму во овој хотел.