Хрватска и Обединетото Кралство стојат „рамо до рамо“ во одбрана на правото на суверените држави сами да си ја изберат судбината, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас, кој денеска престојува во официјална посета на Загреб.
Валас и хрватскиот министер за одбрана, Марио Баножиќ, разговараа за безбедносната ситуација на источна и југоисточна Европа, во време на зголемување на тензиите во Украина, долж чија граница, Русија ги распоредува своите војници, пренесува Хина.
– Тоа што тие го избираат, е речиси секундарно, во однос на светото право на изборот на суверена држава за својата безбедност и членството во НАТО, додаде британскиот министер на конференција за медиуми во Министерството за одбрана. Тој кажа и дека „тоа е вредност и право за кое вреди да се залагаме“.
Валас откри и дека во последните 18 месеци имал само четири дена одмор и тоа на Корчула.
Тој нагласи дека НАТО, Европската унија, како и Велика Британија се „апсолутно обединети“ за поддршка на украинскиот суверенитет. Кризата на руско-украинската граница, додаде министерот, мора да се реши со дијалог.
Баножиќ истакна дека Хрватска во потполност разбира, во каква ситуација Украина се наоѓа, особено „како држава која, во не толку далечно минато, поминувала низ многу тешки ситуации, додека се борела за своите територија и независност“.
Валас и Баножиќ потпишаа договор за стратешкото партнерство на двете министерства, кој предвидува зајакнување на односите во НАТО, на Западен Балкан, во соочувањето со хибридни закани и подобра интероперабилност на вооружените сили на двете земји.
Министрите се сложија дека продолжувањето на дијалогот, реформскиот процес и понатамошната интеграција во ЕУ и НАТО, се важни за Западен Балкан.
На конференцијата за медиуми, не беа предвидени новинарски прашања.
Валас пристигна во Загреб, во време кога неговиот шеф во Лондон се брани од критиките на опозицијата, јавноста, па и на партиски колеги, поради прослава на владетелите за време на строг „локдаун“. Баножиќ ги отфрла обвинувањата на „свиркачот“, во врска со државното домување, а се соочува и со критики од хрватскиот претседател дека не си ја врши добро работата.
По средбата со Баножиќ, Валас се сретна и со премиерот Андреј Пленковиќ.