Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска најави „ново храбро и трајно“ намалување за 13 отсто на годишниот данок на сопственост на недвижнини, одлука, која како што рече, е праведна за општеството и корисна за економијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис објасни дека намалувањето значи дека Грците ќе платат 860 милиони евра помалку во споредба со 2018 година и 350 милиони евра помалку во 2022 година.
Тој додаде дека со промените осум од десет граѓани ќе плаќаат уште понизок данок, некои ќе платат ист износ, а за околу 6 отсто ќе има зголемување, со оглед на тоа дека реалната вредност на имотот во некои области е двојно или тројно зголемена.
Мицотакис рече дека новата иницијатива се заснова на конзистентната економска политика што ја следи Владата и овозможува соодветни дополнителни мерки за олеснување, но и дека станува збор за реален потег што не ги надминува буџетските граници.
-Секој чекор напред мора да се прави на начин што нема да доведе до два чекори назад. Така, нашата држава остана исправена и се разви во текот на двегодишната криза. Така, ќе се справи и сега со привремените глобални турбуленции, рече грчкиот премиер.
Истакна дека поради меѓународната енергетска криза, што носи и покачувања на цените, државата продолжува да покрива дел од покачувањата на сметките за струја, паралелно воведува и намалување на даноците, се со цел да се поддржи расположливиот приход на сите домаќинства и повтори дека од 1 мај ќе се воведе и второ зголемување на минималната плата.