Во американскиот Конгрес синоќа се оддржа распит посветен на кризата околу Украина организиран од Хелсиншкиот комитет на САД.
Сослушувањето на тема „Рускиот напад на Украина и на меѓународниот поредок“ траеше неколку часа. Поканети беа да сведочат повеќе излагачи – американски конгресмени, меѓу кои некои минатата недела беа во посета на Киев, генерал, поранешен амбасадор и експерт за Русија.
Во своето воведно излагање, сенаторот Роџер Викер, републиканец од Мисисипи, истакна дека руските сили распоредени на границата со Украина се закана не само за Украина „туку и за нашите пријатели во Полска, за балтичките земји и за САД.
-Ако сте загрижени за ситуацијата во светот… треба да бидете загрижени за Украина, рече Викер.
Членот на Претставничкиот дом, Стив Коен, демократ од Тенеси, изјави дека „Путин се плаши дека успешен украински експеримент ќе предизвика народот на Русија да побара автократи како него да заминат од власт – тие сакаат транспарентност и одговорност“.
Пред панелот настапуваше и експертот Фиона Хил, поранешна членка на Националниот совет за безбедност и соработничка во Центарот за САД и Европа при Институт Брукингс.
-Путин е убеден дека Русија и Украина се сврзани и неодвоиви – историски, културно, лингвистички. И дека тие биле разделени по грешка на историјата, рече Хил.
„Од перспектива на Русија САД се смртно ослабени… Путин сега гледа можност да нанесе пораз на 30 годишната доминација на САД во европската безбедност и да ја запре независноста на Украина“, додаде таа.
На сослушувањето настапуваа и пензиринаниот генерал Бен Хоџес од Центар за европска анализа во Вашингтон, и поранешниот амбасадор на САД во Украина, Вилијам Тејлор.
Официјалниот назив на Хелсиншкиот комитет на САД, чиј претседател е демократскиот сенатор од Мериленд, Бен Кардин, е Комисија за безбедност и соработка во Европа формирана пред 45 години, и неговата задача е да го следи исполнувањето на Хелсиншките дооговори од 1975 година.