Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу пристигна во Белорусија за да ги провери подготовките за заеднички вежби меѓу руската и белоруската војска, кои ќе се одржат кон крајот на овој месец.

Шојгу на средбата со белорускиот претседател Александар Лукашенко рече дека двете земји планираат вкупно 20 воени вежби оваа година. Тој потенцираше дека Москва стои до Минск во отпор кон „деструктивната линија“ на Западот, пренесува ТАСС.

Русија испрати непознат број војници во Белорусија на воени вежби меѓу 10 и 20 февруари, велејќи дека ќе ги повлече по тој период.

Москва ги отфрла тврдењата дека планира да ја нападне Украина, а во исто време бара од Западот гаранција дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток или да инсталира ракетни системи во, за неа, соседни земји.

Тензиите дополнително се зголемија денеска кога белоруското Министерство за надворешни работи го повика на разговор украинскиот амбасадор во врска со лансирањето на воено беспилотно летало кое наводно ја преминало белоруската граница на 24 јануари за да шпионира на воен полигон.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи го опиша потегот како провокација, тврдејќи дека Украина не користела никакви беспилотни летала.