Главни нафтени терминали кои се наоѓаат во некои од најголемите пристаништа во Западна Европа станаа жртви на кибер напади, потврдија извори.

Белгиското обвинителство покрена истрага за хакерски напад врз нафтени постројки во пристаништата во земјата, вклучувајќи го и Антверпен, второто по големина пристаниште во Европа по Ротердам. Според брокерски експерт, наводниот хакерски напад зафатил неколку европски пристаништа и го попречил истоварот на бродовите.

– Имаше кибер напад на различни терминали, работата на многу терминали беше нарушена. Нивниот софтвер е хакиран и тие не можат да се справат со бродовите. Оперативниот систем не работи, изјави Јеле Вриман, висок брокер во Риверлејк во Ротердам.

Германија е исто така погодена, а полициската агенција на ЕУ – Европол соопшти дека им понудила поддршка на властите.

– Во оваа етапа истрагата продолжува и во чувствителна фаза, истакна портпаролката на Европол, Клер Жорж.

Една од главните жртви се чини дека е центарот за трговија со нафта Амстердам-Ротердам-Антверпен, каде што информациските системи на компанијата биле погодени од нападот. Терминалот SEA-Tank, кој има магацини во Антверпен, исто така, е погоден од кибер напад, објави белгискиот весник „Де Морген“.

Во Германија во вторникот, две компании за испорака на нафта соопштија дека биле жртви на кибер напад, а пријавени се и други инциденти, вклучително и наводи за обид за откуп. Шефот на германската агенција за ИТ безбедност Арне Шенбом изјави дека инцидентот е сериозен, но „не е тежок“, пренесуваат германските медиуми. Германското обвинителство соопшти дека го истражува кибер нападот.