Обединетите нации (ОН) ги повикаа талибанците да дадат информации во врска со апсењето на две активистки во Авганистан.
Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан синоќа на Твитер побара „итни информации“ од авганистанското Министерство за внатрешни работи „за последните апсења на две феминистки и активистки“.
ОН го повторија својот повик за ослободување на сите „исчезнати“ активистки и нивните семејства. Апсењата се пријавени во последните 24 часа.
Мисијата на ОН не ги соопшти имињата на активистките, но според информациите на другите противници на режимот станува збор за Захра Мохамади и Мурсал Ајар. Двете биле уапсени оваа недела.
Нивното апсење дојде две недели по апсењето на две учеснички на демонстрациите за правата на жените во Кабул.