Британскиот премиер Борис Џонсон се обидува да го врати авторитетот во партијата откако неговиот долгогодишен советник поднесе оставка поради лажните наводи на Џонсон за лидерот на опозициските лабуристи Кир Стармер.

Џонсон, кој на Конзервативната партија во 2019 година и ја донесе најголемата изборна победа после Маргарет Тачер, одбива да поднесе оставка откако беа објавени информации за забавите на Даунинг стрит за време на локдаунот воведен поради Ковид-19.

После тоа, се појавија прашања за хаотичниот стил на владеење на Џонсон, а неговата позиција беше сериозно разнишана. Забавите во премиерската резиденција не му се единствениот скандал, коментираат светските медиуми.

Мунира Мирза, близок соработник на премиерот кој работеше со него 14 години, вчера поднесе оставка поради тврдењето на Џонсон за лидерот на лабуристите Кир Стармер, кој, наводно, не го гонел педофилот Џими Савил додека бил на чело на јавното обвинителство. Стармер ги отфрли тврдењата на Џонсон, додавајќи дека станува збор за небулозна клевета и теорија на заговор, што покажува дека Џонсон не е способен да ја води Британија.

Оставка вчера поднесе и шефот на кабинетот на британскиот премиер Ден Розенфилд и главниот личен секретар на Џонсон, Мартин Рејнолдс. Владиниот портпарол претходно соопшти дека советникот за комуникации на премиерот Џек Дојл ја напуштил владата. Премиерот им се заблагодари на сите за нивниот „важен придонес во владата“, особено во однос на работата на пандемијата и економското закрепнување, се вели во соопштението на портпаролот.

Многу членови на Конзервативната партија се бесни на Џонсон. „Длабоко сум загрижен за сè што се случува“, изјави за радио Би-Би-Си Ху Мериман, конзервативен пратеник и претседател на Комитетот за транспорт. Мериман смета дека премиерот ќе мора да си замине доколку „не се прибере“. Тој додаде дека многу конзервативни гласачи се вознемирени и разочарани од неодамнешните настани на највисоките нивоа.

Член на советот за јавна политика на Џонсон денеска исто така поднесе оставка, изјави уредникот на веб-страницата Conservative Home. Даунинг стрит одби да коментира.

Додека опозициските партии и некои пратеници од владејачката партија бараат оставка од премиерот, некои се загрижени дека соборувањето на првиот човек на извршната власт во моментов може да ја ослаби позицијата на Западот, кој се соочува со воена криза во Украина.

Со најбрзо растечка инфлација во последните 30 години, незадоволството од владата може дополнително да се зголеми пред локалните избори во мај.

Потенцијалните имиња за наследник на Борис Џонсон се министерот за финансии Риши Сунак (41) и министерката за надворешни работи Лиз Трас (46).

За да се покрене постапка за отповикување, 54 од 360 пратеници на Конзервативната партија мора да дадат изјава за недоверба.

– Оставките се дадени, оставките се прифатени, кратко изјави за Скај министерот за енергетика и одржлив развој Грег Хандс на прашањето за настаните во Даунинг стрит.

– Имаме премиер кој презема одговорност, рече тој.