Шефицата на пратеничката група на најголемата партија во Собранието на Косово, Движење самоопределување (ВВ), Мимоза Кусари –Лиља најави денеска дека пратениците на таа партија ќе се откажат од надоместокот за патување на пленарните и на седниците на собраниските комисии, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одлуката на партијата на премиерот Албин Курти уследи по објавувањето на информацијата дека 67 од 120-те пратеници во текот на минатиот ноември и декември на име на патни трошоци примиле надоместоци во висина до 860 евра. Меѓу оние кои ги користеле тие средства се 36 од вкупно 58 пратеници на ВВ.
Кусари-Лиља ги повика и другите парламентарни партии да го сторат истото.
– По пат на ова објава сакаме да ја информираме јавноста дека пратениците на ВВ, како парламентарно мнозинство, доброволно ќе се откажат од надоместокот за патни трошоци и воедно ги повикуваат и другите пратеници да ги сроведат истите стандарди. Воедно, ќе побараме од Претседателството на Собранието да го преиспита правилникот за надоместоци за пратениците, соопшти шефицата на пратениците на ВВ преку својата страница на Фејсбук
Според правилникот што го објави Кусари-Лиља, предвидено е пратениците за патување на пленарните и на седниците на собраниските комисии да примат за патни трошоци по 10 евра за патување до 30 километри, 20 евра до 60 километри, а за поголеми растојанија по 30 евра.
Информацијата за високите патни трошоци на народните избраници предизвика бројни реакции во медиумите и во јавноста, при што се наведува дека има пратеници кои фиктивно го смениле живеалиштето од Приштина во други косовски градови,со цел да ги користат тие средства.
Многу граѓани преку социјалните мрежи ги повикуваат пратениците, за кои се вели дека имаат плати од над 2.000 евра, да користат јавен превоз, да доаѓаат на седници со велосипеди, или да си го плаќаат горивото од сопствениот џеб.