ТАВ Аеродроми денеска ја потпиша Декларацијата од Тулуз, приклучувајќи се на глобалната воздухопловна иницијатива кон намалување на емисиите на јаглерод диоксид во животната средина, предводена од 200 европски аеродроми и вкупно 400 аеродроми на светско ниво, коишто се веќе сертифицирани согласно Програмата за акредитација на аеродроми за управување со јаглерод.

Тулуската Декларација е воведена од страна на француското претседателство со ЕУ, денеска, како прв чекор во делот на јавно-приватната иницијатива, со цел поддршка на европското воздухопловство да достигне нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година.

Како членови на Меѓународниот совет на аеродроми – Европа (ACI Europe), ТАВ Аеродроми во Турција, Македонија, Грузија и Казахстан ја имаат честа да бидат на листата на потписници на ACI Europe на Тулуската Декларација.

Целта на европските аеродромите што ја имаат потпишано оваа Декларација е да се работи заеднички со клучните чинители во воздухопловната индустрија, со заедничка цел за намалување на емисии на јаглерод диоксид во животната средина и достигнување на нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година.

– Секој еден аеродром што ја потпишува оваа Декларација прави видлива разлика за нашата иднина како индустрија, како на економско така и на општествено ниво. Тие продолжуваат да демонстрираат амбиција, визија и извонредност во нивните одржливи активности. Мојот восхит и честитки за секој од нив, изјави Оливиер Јанковец, генерален директор на ACI EUROPE.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак рече дека со потпишувањето на Тулуската Декларација и со следење на мапата на индустријата на ACI, како нивна членка, ќе работат заеднички со сите воздухопловни чинители и засегнати страни за да ја постигнеме крајната цел – нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година.

Тулуската Декларација го означува првиот пат кога европските влади, Европската Комисија, индустријата, синдикатите и други клучни чинители и засегнати страни и формално се усогласуваат за декарбонизација на воздухопловството.

Ова е момент од огромно значење, кој го отвора патот за конкретните следни чекори, како во воспоставувањето на Пактот на ЕУ за декарбонизација на воздухопловството, така и на глобално ниво, во периодот додека ICAO на Обединетите Нации постави глобална цел за меѓународното воздухопловство кон крајот на оваа година.