Претседателот на Собранието на Србија Ивица Дачиќ ги отфрли критиките на дел од опозицијата во Србија за најавеното потпишување на Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина, кое, како што изјави претседателот Александар Вучиќ во Пекинг, треба да биде потпишано до крајот на оваа година, јави дописиникот на МИА од Белград.
Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека на секоја држава во интерес е да има потпишано договори за слободна трговија со најголемите економски сили.
-Ако тоа се случи, тоа ќе биде одлична работа, кажа Дачиќ, кој е и лидер на Социјалистичката партија на Србија.
Тој наведе и дека некои европски земји имаат посилни економски односи со Кина од Србија и посочи дека им пречи соработката на Србија со Кина.
Дачиќ посочи дека тоа треба да се направи токму поради Кина, за да „покажеме дека немаме врска со некои на Запад, кои имаат врски со Кина посилни од нас и им пречи нашиот однос“.
Тој повтори дека Ангела Меркел отишла со два-три авиони бизнисмени во Кина, каде што склучиле договори од 20 или 30 милијарди евра и дека им пречи што сега Србија ќе направи договор за слободна трговија.
– Имавме и имаме договори со Русија, цела ЕУ, Турција – изјави Дачиќ и додаде дека врв на пријателството е кога имаш договори за стратешко партнерство, укинување на визите и слободна трговија.
Дачиќ укажа на важноста на Кина, но и на Русија во одбраната на државните и националните интереси на Србија за прашањето за Косово и ги повика сите кои се против соработката на Србија со тие две земји да кажат што е поважно од државните и националните интереси.
Тој го поздрави и заминувањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на отворањето на Зимските олимписки игри, кога со кинескиот претседател разговараше за договорот за слободна трговија меѓу двете земји.