Европската комисија треба до 15 февруари да се произнесе за бугарскиот план за закрепнување, евалуацијата веќе еднаш беше одложена, јави дописничката на МИА од Брисел.
За да ја санираат штетата од економската криза предизвикана од Ковид-19, земјите членки на ЕУ треба до Европската комисија да поднесат буџетски план за закрепнување, согласно десетина критериуми. Комисијата тој план треба да го евалуира и да го одобри.
Бугарија својот план го поднесе на 15 октомври, но проценката на Европската Комисија се одолговлекува. Во ноември Комисијата најави дека евалуацијата се одложува за два пати по еден месец. Крајниот рок е 15 февруари кога Бугарија треба конечно да добие одговор од европската извршна власт за својот буџет за закрепнување.
Според информациите во Брисел бугарскиот план содржи неколку проблематични аспекти, меѓу кои најчесто се споменуваат енергијата и владеењето на правото, клучни критериуми за Европската Комисија.
Портпаролката на Комисијата, Верле Нејтс, денеска на новинарско прашање не беше во можност да одговори дали Бугарија ќе се соочи со повторно одлагање на евалуацијата, и порача дека јавноста ќе биде навремено информирана.
-Комисијата го прими планот на Бугарија на 15 октомври и во тек се дискусии и конструктивни размени, рече портпаролката, додавајќи дека проценувањето на 11-те критериуми за буџетскиот план сѐ уште е во тек.
Планот за закрепнување и отпорност како што се нарекуваат овие буџети за рестартирање на економиите на земјите членки ЕУ има за цел да ги ублажи економските и социјалните последици од пандемијата преку зајакнување на зелената и дигиталната транзиција.
Земјите членки ги поднесуваат своите нацрт планови до Европската Комисија која потоа ги анализира и дава зелено светло.