Француската ЕДФ денеска го најави претстојното исклучување на три нуклеарни реактори заради проверки, по појавените проблеми со корозија на безбедносните системи на другите единици, јави дописникот на МИА.

Станува збор за реакторите Шинон 3, Катеном 3 и Буге 4, што ќе бидат затворени во текот на следните неколку месеци, според податоците објавени на веб-страницата на ЕДФ.

-Ќе ги затвориме за да се извршат проверки, објасни портпаролот на ЕДФ.

Овие инспекции следат по документираниот преглед на целата француска нуклеарна флота во потрага по проблеми со корозијата што се веќе потврдени на најмалку четири реактори, моментално затворени. Ќе бидат проверени и три други реактори, но при исклучувања што веќе беа закажани. Исклучувањето на Флажанвил 2, сепак, ќе биде продолжено за пет недели.

ЕДФ го продолжи исклучувањето на два реактори каде што веќе беа откриени проблеми со корозија (Пенли 1) или сомнителни (Шооз 1) за пет месеци. Првиот нема да работи до 31 октомври 2022 година, а вториот до 31 декември. ЕДФ ја намали својата прогноза за нуклеарно производство во Франција оваа година „како дел од својата програма за контрола на нуклеарната флота“, по проблемите со корозија на безбедносниот систем идентификувани за одредени реактори.

Прогнозата е намалена на 295-315 терават часови (TWh), од 300-330 TWh претходно. ЕДФ, компанијата која првично имаше за цел производство од 330 до 360 TWh, веќе ја ревидираше својата прогноза надолу на 13 јануари. Овие проблеми веројатно ќе го зголемат оптоварувањето на снабдувањето со електрична енергија во Франција оваа зима, веќе комплицирано од напорниот распоред за одржување и нарушено од пандемијата со „Ковид-19“.

Операторот на електричната мрежа РТЕ во петокот укажа дека ја одржува својата „будност кон крајот на зимата“ за снабдување, поради големиот број исклучени нуклеарни реактори, притоа истакнувајќи дека „временските прогнози за тој период се поволни“. „Не постои ризик од затемнување во Франција бидејќи воведовме одреден број механизми за да го избегнеме ова“, увери во вторникот министерката за еколошка транзиција Барбара Помпили на Франс Инфо.