Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Абељард Тахири вели дека премиерот Албин Курти има план за северот на Косово, но тој не го споделува со косовските граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тахири на прес-конференција во Собранието на Косово изјави дека дел од таа агенда е и денешната одлука на Регулаторното тело за енергетика (ЗРРЕ), со која од новото зголемување на цената на струјата се иззема северниот дел на земјата, односно општините со мнозинско српско население.

– Ова е штетно. Тука има агенда која се држи во тајност од граѓаните и од пратениците во Собранието на Косово, изјави Тахири.

Тој најави дека ПДК ќе ја даде на Уставен суд денешната одлука на ЗРРЕ за поскапување на електричната енергија.

Пратениците на двете најголеми опозициски партии, ПДК и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) ја напуштија денешната пленарна седница на Собранието, откако беше одбиено нивното барање на неа да се расправа за поскапувањето на струјата.