Туристичкиот гигант ТУИ (TUI) денеска соопшти дека на крајот на 2021 година за четири пати ги зголемил приходите и ги намалил загубите, и излезе со предвидување дека очекува ова лето да има добри резултати и покрај омикронот.

Во првиот фискален квартал до крајот на декември минатата година, приходот на ТУИ се зголемил за речиси четири пати, на 2,4 милијарди евра.

Компанијата вообичаено работи со загуба во зимските месеци, а во последните три месеци од минатата година успеа загубата да ја преполови, на 384 милиони евра.

Деловниот извештај на ТУИ покажува дека бројот на гости бил за повеќе од четири пати поголем и достигнал 2,3 милиони.

-Има голема побарувачка за патување на сите пазари. Излезот од пандемијата станува се појасен, изјави извршниот директор Фриц Јоусен.

Пандемијата на коронавирус и ограничувањата за патување ја турнаа ТУИ во криза, па германската влада и обезбеди помош на компанијата.

Компанијата денеска соопшти дека на почетокот на април, во првата транша, планира да и врати на државата 700 милиони евра.