Адвокатот на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, Пиер Проспер смета дека во меѓународниот суд за Косово во Хаг има „тенденција одново да се испише косовската историја“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Проспер во интервју за приштинскиот портал „Економиа онлајн“ вели дека во Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на трибуналот, му се суди на народот на Косово, а не на индивидуи.

– Косовскиот народ, граѓанското општество, Владата треба да го третираат внимателно случајот. Се работи за случај кој е повеќе одошто судење на индивидуи. Всушност, ова е судење против една земја, судење против нејзиниот народ. Бидејќи тоа што се случува тука е тенденција одново да се испише косовската историја… Јас сметам дека народот на Косово треба да го поседува овој процес. Народот треба да биде вклучен, треба да го каже својот збор, бидејќи тоа ќе ја одреди иднината и судбината на земјата, изјави Проспер.

Тој вели дека одбраната ја изгубила довербата во Специјалното обвинителство, кое го обвинува дека крие документи кои ги ослободуваат од вина Тачи и останатите поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди за злосторства против цивили во војната против Србија во 1998-99 година и непосредно по неа.

– Теоријата на обвинителството дека ОВК е злосторничка организација е многу проблематична. Проблематична е од аспект на реалноста за тоа што се случило. Проблематична е затоа што преку оваа теорија, вие велите дека НАТО и меѓународната заедница застанале свесно на страната на една злосторничка организација. И тоа е еден од проблемите што го имаме со овој случај. Ние веруваме дека оваа теорија е претерана, неточна и има за цел да ја измести и промени историјата, изјави Проспер за „Економиа онлајн“.