Управителот на прифатниот бегалски центар „Адашевци“ кај Шид, Драган Велимировиќ изјави дека од шесте боксери на авганистанската репрезентација, кои по Светското првенство во Белград одбиле да се вратат во својата земја и кои дошле во тој камп, сега се наоѓаат само уште двајца, јави дописникот на МИА од Белград.
-Тие се пријавиле на 9 јануари, претходно биле во хотели, хостели и во друго приватно сместување. Тука биле примени, овде имаат можност да го напуштат кампот, имаат три оброка, здравствена заштита. Ниту еден од нив не побара азил. Тие се обидуваат да ја напуштат Србија и имам впечаток дека се заглавени овде, имаат пасоши со истечена виза и имаат административни проблеми. Тие имаат намера да се обидат да патуваат по некој нивен сопствен план, изјави Велимировиќ за ТВ Н1.
Тој додаде дека, според неговите информации, тие не трпеле насилство во кампот, како што изјавија.
-Ќе ги провериме тие информации, ни треба време да разговараме со вработените, ќе преземеме дисциплински мерки доколку има пречекорување на овластувањата, имаме впечаток дека ова е обид да се сврти вниманието кон нив како група, времето ќе покаже дали имало насилство кон нив. Овдека досега немаше насилство и ние сме подготвени да истражиме такво нешто, па ќе информираме, изјави Велимировиќ.
Според него во прифатниот центар во Адашевци моментално се наоѓаат 495 лица, а капацитетот е околу 1.000.
По Светското првенство во бокс, што се одржа во ноември минатата година во Белград, 11 боксери од Авганистан не се вратија во земјава – поради страв од талибанците, кои ја презедоа власта на крајот на август.
Боксот како спорт беше забранет за време на претходното владеење на талибанците