Албанската министерка за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, по денешната владина седница, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека владата сè уште нема нацрт-резолуција за конфликтот во Украина.
Додаде дека Албанија соработува со САД и дека нејзината земја ќе игра многу активна и кредибилна улога во овој процес.
-Немаме подготвено нацрт-резолуција поврзана со конфликтот во Украина, но ние сме во фаза кога со САД се договоривме за блиска соработка и заедничко изготвување продлабочувајќи го стратешкиот однос. Ние сме конструктивна и кредибилна земја и ќе играме многу активна улога во Советот за безбедност на Обединетите нации во текот на нашиот двегодишен мандат, како непостојана членка, рече министерката.
На последната пленарна седница на албанскиот Парламент, минатиот четврток, поранешниот претседател, експремиер и актуелен пратеник, демократот Сали Бериша, од собраниската говорница побара парламентот под итно да усвои Резолуција и да изрази целосна солидарност со Украина.
Исто така, тој побара Албанија да ја снабдува Украина „најмалку со куршуми и друга муниција“,обвинувајќи ги премиерот Еди Рама и лидерот на опозицската Демократска партија, Љуљзим Баша за тоа што молчеле по ова прашање, што пак, според него, било во служба на Србија.