Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас следната седмица ќе замине за Москва каде што во петок ќе се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров, соопшти портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Ова е трета посета на Дендиас на Русија, а според Папајоану на средбата ќе се разгледаат низа теми поврзани со билатералните односи, но и регионални прашања.

Портпаролот на грчкото МНР истакна дека Грција е земја членка на НАТО и Европската унија, но нејзиниот став е дека особено важно е одржувањето канали на комуникација со сите соговорници и додаде дека Русија ја сметаат „за клучен и составен дел на европската безбедносна архитектура“.

-На сите им ја нагласуваме потребата од деескалација, порака што не ја пренесуваме само на руската страна, туку на сите страни. Секое влошување на ситуацијата ќе биде на штета на сите, истакна Папајоану.

За грчко-турските односи коментираше дека „драстичното зголемување“ на прелетите од турски авиони или дронови во воздушниот простор на Грција, „предизвикуваат незадоволство и загриженост во Министерството за надворешни работи “ и посочи дека Атина ќе достави демарш до Анкара.