Пратениците на 47. Народно Собрание денеска со 129 гласа „за“ го донесоа буџетот на Бугарија за 2022 година. „Против“ беа 99 пратеници, јави дописникот на МИА од Софија.
Со ова четипартитната владејачка коалиција во Бугарија покажа дека е стабилна и ужива значително мнозинство, забележуваат локалните медиуми во првите коментари по дводневната расправа во парламентот.
Опозициските пратеници од ГЕРБ-СДС, ДПС и „Преродба“ беа против.
-Нема да го прифатиме фактот дека сме сиромашни и засекогаш ќе останеме сиромашни. Тоа е готово, рече министерот за финансии Асен Василев, бранејќи го буџетот од критиките на опозицијата.
„Од 2007 година, кога Бугарија влезе во ЕУ, оваа економска политика на неинвестирање доведе до тоа половина милион Бугари да заминат на работа во странство бидејќи јавното, капиталното и инвестициското опкружување не им дозволува да ги заштитат своите приходи, кои можат да ги заштитат во странство“, соопшти министерот Василев пред пратениците.