Британскиот министер за одбрана Бен Валас изјави дека разговорите со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Шојгу во Москва биле конструктивни и искрени.

Двајцата детално разговараа за предлозите на Русија за безбедносните гаранции во Европа, пренесува Бгнес.

– Му благодарам на министерот Шојгу за неговата подготвеност да се сретне со мене за да разговараме за низа прашања, вклучувајќи ги и континуираните тензии околу Украина и нејзините граници. Детално разговаравме за нацрт-договорот на Русија за безбедносните гаранции, кој беше доставен до НАТО и се фокусиравме на неколку негови точки, рече Валас на прес-конференција во британската амбасада во Москва.

Тој зборуваше и за поддршка за зајакнување на каналите за комуникација со Русија.

– Ова е прва средба меѓу британски министер за одбрана и министерот Шојгу од 2013 година – тоа се девет години. Да ја сфатиме меѓусебно својата загриженост и да имаме канали за комуникација е многу подобро отколку да немаме ништо. Со нетрпение очекувам да ја продолжам соработката со министерот Шојгу, а мојот началник за одбрана Тони Радакин со началникот на Генералштабот на Русија Валериј Герасимов, рече Валас.

Тој додаде дека е важно да се воспостави постојан канал за комуникација меѓу британската и руската војска.

Валас рече дека за време на средбата со Шојгу, разговарале за ситуацијата околу Украина и ја истакнале потребата од почитување на договорите од Минск како чекор кон деескалација.

Според него, евентуална руска инвазија врз Украина би имала трагични последици за Украинците, Русите и европската безбедност воопшто.