Министрите за финансии од Групата седум најразвиени земји во светот денеска соопштија дека се подготвени да воведат тешки економски санкции против Русија доколку таа ја нападне Украина.

Министрите оценија дека руската акумулација на сили на украинските граници е „причина за голема загриженост“ и предупредија дека доколку дојде до воена инвазија, како што стравува Западот, ќе има брзи последици за Русија.

„Повторуваме дека секоја натамошна воена агресија на Русија против Украина ќе предизвика брз, координиран и силен одговор“, се вели во заедничката изјава.

„Подготвени сме колективно да воведеме економски и финансиски санкции кои ќе имаат огромни и непосредни последици за руската економија“, посочуваат министрите од Г7..

САД во последните денови тврдат дека разузнавачките служби сугерираат дека Русија може да планира инвазија на Украина „во секое време“ и проценува дека распоредила 130.000 војници во близина на украинската граница.

Русија негира дека планира да ја нападне Украина и го обвинува Западот дека шири паника.

Г7 се состои од Франција, Германија, Италија, Јапонија, САД, Велика Британија и Канада. Моментално ротирачкото претседателство е во рацете на Германија.