Британската даночна управа денеска соопшти дека ги запленила првите НФТ (незаменливи токени) во акција за сузбивање на дејствија за кои има сомневање дека се незаконски, односно за прикривање пари и друг имот заради даночно затајување.

Британската служба за приходи и царина заплени три НФТ, по истраги за обиди за измама на државната благајна за сума од 1.4 милиони фунти.

НФТ е „незаменлив токен“, или криптографски заштитена сопственост во дигитална форма, а претставува одреден предмет од посебна вредност, како што се уметнички дела, видеа и слично. Како форма на криптовалута, НФТ користи блокчејн технологија за да го одреди сопственичкиот статус на дигиталните записи.

Истрагата резултираше со заплена и на друг криптоимот, со вкупна вредност од околу 5.000 фунти, како и со апсења. Приведени се три лица, поради сомнение за даночна измама, каде се вклучени 250 фиктивни компании.

Службата за економски криминал порача дека оваа заплена на НФТ, чија вредност сè уште не е проценета, е предупредување за сите оние, кои се надеваат дека со користење криптовалути ќе можат да скријат пари.