Претседавачот со Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер истакна дека руските лидери се поканети да учествуваат на меѓународните разговори овој викенд.
– Шансите навистина да се одржат значајни разговори за ова прашање во Минхен се, се разбира, многу поголеми доколку присуствува овластен претставник на руската Влада кој има дозвола да зборува, истакна Ишингер денеска во Берлин, коментирајќи ја украинската криза.
Како потенцијални гости, Ишингер ги именуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, поранешниот претседател Дмитриј Медведев и претседателот Владимир Путин.
– Но, за жал, тоа беше одбиено, рече Ишингер.
Конференцијата за безбедност во Минхен ќе биде отворена в петок. В сабота главните дискусии ќе бидат посветени на Украина, Русија и НАТО, а в недела за иднината на Европската унија.
Презентирајќи го „Извештајот за безбедност 2022“, Ишингер се пожали на колективна и, до одреден степен, научена беспомошност како одговор на мноштво кризи.
На конференцијата ќе присуствуваат повеќе од 100 министри и повеќе од 30 шефови на држави и влади.
Минатата година, безбедносната конференција можеше да се одржи само виртуелно поради пандемијата. Годинава учесниците физички ќе бидат присутни, но во помал број и со строги мерки. Ограничувањата поради Ковид-19 го отежнуваат патувањето на руските гости на конференцијата, бидејќи тие обично не се имунизираат со вакцини одобрени во Германија.
– Затоа многу Руси откажаа учество, изјави Ишингер.