Во време кога во Албанија се очекува ставот на Уставниот суд, околу одлуката на парламентот за разрешување на шефот на државата, еден од најпознатите политички ветерани Спартак Брахо изнесе оценка дека земјата во тридеценискиот плурален период имала два модела на претседател, вистински државници и оние кои попуштале пред притисоците на премиерите.

Според него вистински државници биле Алфред Моисиу, кој беше претседател во периодот 2002/2007 и Реџеп Мејдани, во периодот 1997/2002 година.

-Мојсиу беше симпатизер на десницата во тоа време, но поради неговата позиција како искусен поранешен воен старешина, дојде на позицијата претседател. Но, тогашниот премиер Сали Бериша беше на мака со Мојсиу, зашто тој беше државник, сериозен, патриот, кој во текот на целиот мандат не направи никакви отстапки, изјави Брахо.

Додава дека Моисиу бил добар балансер, добар модератор на функциите што треба да ги извршуваат главните структури на државата.

-Вистински државник беше и Мејдани, кој не направи никакви отстапки пред Фатос Нано, премиер во тоа време. Знам каков однос имаше со Нано, Мејдани не направи отстапки, апсолутно беше принципиелен, оценува Брахо.

По првите слободни избори во Албанија, по падот на комунистичкиот режим, законодавниот дом за претседател го избра Сали Бериша во април 1992 година. Него го наследи Мејдани, по што шеф на државата стана Моисиу, па Бамир Топи, Бујар Нишани и актуелниот Илир Мета.