Русија нема да учествува во денешните консултации што ги побара Киев за Виенскиот документ на ОБСЕ, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко.
– Ако некој сака да игра некои политички игри – играјте. Ние пак, сериозно ги сфаќаме инструментите за зајакнување на довербата и безбедноста и нема да дозволиме да се користат за непристојни цели, рече рускиот дипломат.
Тој ги прекори државите кои најмногу инсистираат за придржување до Виенскиот документ дека „не мрднале со прст за да ги покренат соодветните процедури кога украинската армија ги бомбардира сопствените граѓани и спроведува вистинска борбена операција против нив со учество на вооружените сили“, пренесува БГНЕС.
Украина побара консултации за имплементација на Виенскиот документ од 2011 во однос на мерките за градење доверба и безбедност со цел да се објасни „невообичаената воена активност“ на Русија долж руско-украинската граница.
Состанокот меѓу земјите-членки на ОБСЕ ќе се одржи денеска зад затворени врати на ниво на воено-политички претставници на засегнатите страни на оваа организација.