Сојузниците во НАТО продолжуваат со своите силни дипломатски напори за изнаоѓање политичко решение за сериозната криза предизвикана од военото засилување на Русија во и околу Украина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
На прес-конференција по состанокот на министрите за одбрана на НАТО, тој информира дека „и покрај тврдењата на Москва, досега нема знаци на повлекување или деескалација“.
– Напротив, се чини дека трупањето руски сили продолжува. Продолжуваме внимателно и од блиску да го следиме развојот на настаните, нагласи Столтенберг.
НАТО ја повикува Русија да го направи она што го кажува и да ги повлече своите сили од границите со Украина.
– Тоа ќе биде важен прв чекор кон мирно политичко решение, рече Столтенберг.
Тој информира дека на министрите за одбрана на состанокот се осврнале на „континуираната закана од руска агресија, влошената безбедносна состојба во регионот на Црното Море и силната политичка и практична поддршка на НАТО“.
– Самоодбраната е право вградено во Повелбата на ОН, а сојузниците и помагаат на Украина да го одржи тоа право, рече Столтенберг. Тој информира дека поддршката вклучува обучувачи и воена опрема за украинските вооружени сили, кибер и разузнавачка експертиза, како и значителна финансиска поддршка.
На состанокот е разговарано и за присуството на руските сили во грузиските региони Абхазија и Јужна Осетија, гласањето на руската Дума со кое се препорачува признавање на Доњецк и Луганск, при што сите министри се сложиле дека тоа би било дополнително грубо кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и договорите од Минск, со што ќе се поткопаат напорите за изнаоѓање политичко решение во нормандискиот формат.
– Денеска, сојузниците потврдија дека вратата на НАТО останува отворена. Секоја одлука за членство во НАТО треба да ја донесат сојузниците во НАТО и земјите аспиранти. Никој друг, нагласи Столтенберг и додаде дека правото на секоја нација да го избере својот пат е апсолутно фундаментално за европската и трансатлантската безбедност и тоа мора да се почитува.
Сојузниците на НАТО ја повторија својата силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет и на Грузија и на Украина.
– Не можеме да прифатиме враќање во доба на сфери на влијание. Онаму каде што големите сили ги малтретираат, заплашуваат или им диктираат на другите, рече генералниот секретар на НАТО.
Според него, не може да има одлуки за Украина без Украина, ниту одлуки за Грузија без Грузија.
– Се согласивме дека во време на тензија, дијалогот е уште поважен. НАТО останува отворен за соработка со Русија во атмосфера на добра волја. Сојузниците се подготвени да седнат на маса со Русија во Советот НАТО-Русија, рече Столтенберг изразувајќи надеж дека така ќе се решат широк спектар на прашања и ќе се најде заеднички јазик.
– На последната сесија од нашиот министерски состанок се сретнавме со нашите блиски партнери Финска, Шведска и Европската Унија. Ги делиме истите вредности, се соочуваме со истите предизвици и кризата во и околу Украина не погодува сите нас. Се согласуваме дека сега е уште поважно да продолжиме да работиме заедно и да се надополнуваат меѓусебните напори за да се доведе оваа криза до мирна разрешница, заклучи генералниот секретар на НАТО.