Поранешниот албански претседател, експремиер и актуелен пратеник, Сали Бериша денеска од собраниската говорница го обвини дека премиерот Еди Рама отпатувал во САД за да лобира за српскиот претседател Александар Вучиќ.

Од друга страна, Бериша упат критика до Собранието затоа што „не изгласале закон за српскиот геноцид во Косово“.

– Му честитав на Косово за независноста пред да дојдам овде. Не честитам со Вас зашто не гласавте за законот за српски геноцид на Косово. Не можам да Ви честитам затоа што вашиот лидер е вазал на Вучиќ, кој лобира за Вучиќ во САД и го напаѓа Сали Бериша, истакна Бериша.

Тој почна да зборува за поврзаноста на албанскиот организиран криминал со функционерите на албанската држава, но претседателката на Собранието, Линдита Никола го прекина.

– Според пишувањата на медиумите, различни агенции за спроведување на законот во Белгија, Велика Британија и така натаму излегува дека се идентификувани бројни врски на албанскиот организиран криминал со албански државни функционери, министри, директори, полицајци. Овие податоци се наоѓаат во агенциите на овие земји, наведе Бериша.

Бериша надвор од Собранието изјави дека во истрага што се води во повеќе земји за криминал се и високи албански функционери.

– Ги информирам Албанците дека последната истрага што ја спроведоа неколку земји, Италија, Белгија, Германија, Франција и други земји, по откривањето на апликацијата што ја користеа албанските банди и владини функционери за тајни комуникации, темелите на нарко-државата се тресат. Ви гарантирам дека во тие прислушувања има имиња на министри, директори, обвинители, судии и многу други. Ви гарантирам дека има многу министри од сите нивоа, рече Бериша