Русија во изминатите денови најави неколку повлекув ања на војници од границите на Украина, зголемувајќи ги надежите дека може да се избегне разорна воена ескалација во Украина. Западот сепак вели дека нема значајно намалување на распоредените руски сили кои со недели се во центарот на ескалацијата на тензиите меѓу Москва и Западот.

Досегашни факти за распоредувањето на Русија:

Од декември, Москва води големи копнени, воздушни и поморски воени игри во близина на украинската територија во Русија и нејзиниот сојузник Белорусија. Има голем број сили концентрирани на руска територија, во анектираниот од Москва Крим, во Белорусија и во Црното Море — односно на источните, северните и јужните граници на Украина.

Но, Русија не соопшти за колку војници се вклучени.

Единствените податоци што беа изнесени се од западните земји главно врз основа на сателитски снимки.

НАТО го процени распоредувањето на војниците на „над 100.000“ руски војници, додека американскиот претседател Џо Бајден неодамна рече дека бројката е „повеќе од 150.000“.

Русија, исто така, испрати тешка опрема, вклучувајќи тенкови, проектили и системи за противвоздушна одбрана на вежбите.

За разлика од сличното распоредување во пролетта 2021 година, Русија — според извори од трети страни — распоредила медицински тимови и транспортирала големи резерви гориво.

Повеќето од достапните слики на теренот доаѓаат од сведоци кои во последните недели на социјалните мрежи објавија фотографии од колони тенкови во пограничните села и возови натоварени со воена опрема.

Од вторникот секој ден, Русија објавува дека единиците кои учествуваат во вежбите се враќаат во своите гарнизони.

Во најновото соопштение, руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека ги враќа воените сили.

Државната телевизија прикажа воени колони како минуваат преку неодамна изградениот мост што го поврзува полуостровот со руското копно.

Белорусија, исто така, вети дека сите руски војници распоредени во земјата за воени игри ќе заминат по завршувањето на вежбите на 20 февруари. Но, Западот наведува дека нивните разузнавачки информации покажуваат поинаква ситуација на теренот.

Белата куќа вчера соопшти дека Москва го зголемила своето присуство на границата со Украина „за дури 7.000 војници“, а некои од нив пристигнале претходно во текот на денот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нема докази за повлекување на руските војници, велејќи дека Москва едноставно ротира сили. „Не гледаме никаква промена“, рече тој.

Западот, предводен од Вашингтон, продолжува да најавува дека руска инвазија на Украина може да се случи во секое време.

Русија негира дека планира да ја нападне Украина, но е загрижена дека Украина – некогаш дел од Советскиот Сојуз – може еден ден да се приклучи на НАТО.

Москва се стреми да ги претстави своите воени вежби како рутински вежби. Но, распоредувањето на единици нормално стационирани на рускиот Далечен Исток до границите на Украина изгледаше заканувачки. Нивното враќање во нивните гарнизони, некои и до 8.000 километри, би било смирувачки знак.

Враќањето на мировните преговори за конфликтот меѓу киевските сили и проруските бунтовници во источна Украина, исто така, би било знак за деескалација.

Но, рускиот Парламент оваа недела побара од претседателот Владимир Путин да ја признае независноста на промосковските бунтовнички територии на Украина, загрижувајќи го Западот.

Киев, исто така, оваа недела беше цел на нов кибер напад што ги погоди Министерството за одбрана и армијата. Киев ја обвини Москва, додека Кремљ негира вмешаност.

Воените експерти веруваат дека на руската воена офанзива може да и претходат масовни кибер напади.