Министерот за транспорт на Бугарија Николај Сабев се договори со министерот за транспорт на Турција Адил Караисмаиоглу на нивната средба во Свиленград да се забрза минувањето меѓу граничните премини на Бугарија и Турција и да се воведе систем за намалување на редиците на товарни возила.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, двајцата се договориле капацитетот на граничниот премин Капитан Андреево да се зголеми за 30%, а на Лесово за 100%. На граничниот пункт меѓу Бугарија и Турција – „Капитан Андреево“ треба да се изградат три ленти за транспорт со ладилници, а системот за намалување на редиците ќе се заснова на принципот „прв дојден, прв услужен“, објасни бугарскиот министер. Сабев додаде дека тоа е поврзано и со обезбедување повеќе персонал и технички средства. Либерализацијата на пазарот за дозволи за товарен транспорт, како и на железничкиот транспорт беа теми и на разговорите меѓу Сабев и Караисмаиоглу.

Сабев најави дека и Бугарија ќе се приклучи на иницијативата на Унгарија за брз коридор од Турција преку Бугарија до Србија и Унгарија на состанокот на министрите за транспорт на земјата во март.

Караисмаиоглу рече дека разговарал со неговиот бугарски колега за пренасочување на дел од товарот на море и железница. Двајцата зборуваа за суштинската важност на поморскиот транспорт како можна алтернатива. Караисмаиоглу го информирал Сабев дека на 26 февруари во Турција ќе биде отворен мостот Чанаккале 1915, една од главните оски што ја поврзува Бугарија со овој дел на Турција и на Балканот.