Во Србија по распишувањето на вонредните парламентарни и локални избори-за градот Белград и повеќе други општини, како и на редовните претседателски избори на 3 април, согласно законот во тек се партиските преговори и договори за коалиции и поднесувањето на изборните листи и кандидати за парламентот, за местото претседател на Р. Србија и за градот Белград, пренесуваат српските медиуми.

Меѓу првите кои поднесоа своја изборна листа со потребните над 10.000 потписи е владејачката Српска напредна странка (СНС) под слоганот „Александар Вучиќ-Заедно можеме се”, која на парламентарните избори настапува во коалиција со партијата Покрет на социјалистите (ПС) на Александар Вулин, Партијата на пензионери на Милан Кркобабиќ, Српската народна партија (СНП) на Ненад Поповиќ.

Изборната листа на СНС ја предводи докторката Даница Грујичиќ, кандидат за градоначалник е Александар Шапиќ, додека се очекува наскоро својата претседателска кандидатура да ја поднесе и Александар Вучиќ.

Изборна листа поднесе и втората владејачка партија, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ, под називот „Ивица Дачиќ-премиер на Србија, Тома Фила градоначалник на Белград.” СПС на изборите оди самостојно на изборите во коалиција со Единствена Србија (ЈС) на Драган Марковиќ Палма и Зелените на Србија, додека за претседателски кандидат ќе го поддржат Александар Вучиќ.

Изборни листи за парламентот поднесоа и Сојузот на војводинските Унгарци и Српската радикална партија на Воислав Шешељ со Миљко Ристиќ како кандидат за градоначалник на град Белград.

Петта што поднесе изборна листа беше опозициската коалиција Обединетата Србија, која ја сочинуваат-Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Демократската партија ДС) на Зоран Лутовац, Движењето на слободни граѓани (ПСГ) Павле Грбовиќ, Движењето за пресврт на Јанко Веселиновиќ, синдикатот Слога на Жељко Веселиновиќ, Демократскиот сојуз на Унгарците од Војводина, Странката на Македонците во Србија, Движењето Слободна Србија и Влашката партија. Листата на оваа коалиција носи наслов „Мариника Тепиќ-Обединети за победа на Србија”, а ќе настапува под слоганот „За коренити промени”, со претседателскиот кандидат Здравко Понош и кандидатот за градоначалник на Белград Владета Јанковиќ.

Заедничката листа поднесе и Патриотскиот фронт во кој се Двери и Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС) на Жика Гојковиќ со заедничкиот претседателски кандидат на коалицијата, лидерот на Двери Бошко Обрадовиќ.

Од десницата, со самостојна изборна листа ќе настапи и партијата Заветници, со носител на листата Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, како и коалицијата Нада, составена од Демократската партија на Србија (ДСС), Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС).