Претседателот на Централната изборна комисија, Илирјан Целибаши, преку видеопорака, побара од политичките партии и нивните кандидати за градоначалници, строго да го почитуваат изборниот законик.
-Почна изборната кампања за делумните предвремени избори за градоначалник на Скадар, Пешкопеја, Драч, Вора, Рогожина и Лушња, што ќе се одржат на 6 март. Регистрираните политички субјекти и нивните кандидати имаат обврска да водат кампања со строго почитување на Изборниот законик, порача Целбаши.
И албанскиот претседател Илир Мета, вчера упати порака, оценувајќи дека „гласот е единствената и вистинска сила на граѓанинот во демократија” и побара сите да „стојат настрана од неприфатливи тензии, појави и реторика”.
Посочува дека не треба да се изгуби можноста секој граѓанин да ја покаже својата сила и волја и да го избере најдобриот кандидат кој во иднина ќе ја води нивната општина.
Во Албанија вчера официјално започна изборната кампања за делумните предвремени избори за градоначалник на шест општини во државата.
Владејачките социјалисти кампањата ја стартуваа од Драч, опозициските демократи од Скадар, додека крилото на демократите предводено од Сали Бериша, кои настапуваат под логото на коалицијата „Дом на слободата” од Пешкопеја.
Изборната кампања ќе трае две недели, до 4 март а за шесте градоначалнички места во трка се 20 кандидати од три политички партии и една коалиција. Ќе се гласа на 940 гласачки места а во единствениот избирачки список се запишани 648.536 лица со право на глас.
Покрај електронската идентификација, во општина Вора граѓаните ќе може да гласаат електронски и на ист начин ќе се бројат и гласовите.