Повеќе информативни куќи како Си-ен-ен, Си-би-ес и Вашингтон пост, добиле разузнавачки информации од неколку агенции на САД според кои од Кремљ веќе наредиле почеток на очекуваната руска инвазија на Украина.
„Американската разузнавачка служба вели дека руските трупи всушност добиле команда да почнат со инвазијата“, кажа Дејвид Мартин, дописникот на Си-би-ес за национална безбедност.
„Значи, не само да се приближуваат на границата и позициите за напад, туку и командантите на терен прават конкретни планови како ќе маневрираат во својот сектор на фронтот. Прават сè што би правеле американските команданти ако добијат команда за напад“, додаде Мартин.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен кажа дека сè укажува на тоа дека инвазијата е спремна.
„Сè што гледаме сугерира дека ова е смртно сериозно, дека сме на раб на инвазија. Веруваме дека претседателот Путин донел одлука, но додека тенковите не тргнат и авионите не полетаат, ќе ја искористиме секоја прилика и секоја минута за да видиме дали дипломатијата може да го одврати претседателот Путин од тоа“, кажа Блинкен.
Рускиот амбасадор во Вашингтон, пак, ги отфрли тврдењата на Западот дека Москва планира инвазија на Украина. „Русија не се обидува да одземе територија на други земји“, кажа амбасадорот Анатолиј Антонов, а пренесува РИА Новости.
„Не постојат планови за инвазија на Украина“, кажа Антонов.