Над 4.000 домаќинства се без електрична енергија во време кога доаѓа бурата Франклин, носејќи силни ветрови во Северна Ирска, јави Би-Би-Си.

Жолтото предупредување за ветер останува на сила, а ќе трае до 13 часот.

Силниот дожд, пред доаѓањето на бурата Франклин, предизвика сериозни поплави во делови од Северна Ирска.

Секторот за инфраструктура соопшти дека се соочил со 331 инцидент со поплави и пречки на патот во текот на вчерашниот ден и ноќеска. Сто седумдесет и пет инциденти се регистрирани во северниот и западниот дел на Северна Ирска.

– Можен е прекин на сообраќајот утрово, па затоа јавноста се замолува да внимава додека патува, се наведува во соопштението.

Во петокот, бурата Дудли со себе донесе силни дожд и ветрови, па стотици домови во Лондондери и Армаг останаа без електрична енергија.

По Дудли, следуваше бурата Еунис, поради што имаше откажување на летови и на траекти.