Британскиот министер за одбрана Бен Валас денеска изјави дека сè уште постои „силна причина за загриженост“ дека Владимир Путин останува посветен на инвазија на Украина, и покрај дипломатските потези за ставање крај на кризата, јави Би-би-си.
Валас рече дека руските сили продолжуваат да се движат кон граничната зона спротивно на повеќекратните гаранции дадени од Москва.
-Ова не се дејствија на руска влада која ги исполнува своите повеќекратни изјави дека нема намера да ја нападне Украина, истакна тој пред пратениците.
-Во последните неколку недели видовме дека руската игра се применува на начин што ни дава силна причина за загриженост дека претседателот Путин сè уште е посветен на инвазија. Верувам дека тој е во опасност да се постави на трагичен тек на настаните што ќе доведе до хуманитарна криза, нестабилност и широко распространето страдање, не само на Украинците, туку и на рускиот народ, оцени британскиот министер.
Претходно, Даунинг стрит соопшти дека разузнавачките извештаи сугерираат дека рускиот план „е веќе во сила“ и дека „почнува да се одигрува во реално време“. Сепак, официјалниот портпарол на премиерот Борис Џонсон рече дека сè уште има „прозорец за дипломатија“ откако се чинеше дека е постигнат начелен договор за кризен самит меѓу Путин и американскиот претседател Џо Бајден.