Во Албанија продолжува осудата за руските напади врз Украина и изразите на солидарност со укранскиот народ, од носители на државни функции и лидери на политички партии.
По премиерот и шефот на државата, остра осуда искажа и претседателката на парламентот Линдита Никола, како и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.
-Силно го осудуваме нападот на Русија врз Украина, суверена држава. Албанија е на страната на НАТО и ЕУ во поддршката на народот на Украина, напиша Никола на Фејсбук.
Џачка оценува дека „нападот што го презеде Русија ги поткопува темелите на меѓународниот поредок“, додавајќи дека веќе се загрозени милиони невини луѓе.
-Најостро го осудуваме воениот напад на Русија врз Украина. Тоа загрозува милиони невини луѓе, ги поткопува основите на меѓународниот поредок и ја нарушува Повелбата на ОН, напиша Џачка на Твитер.
Нападот го осудија и лидери на политички партии, меѓу кои и на најголемата опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша.
-Ние стоиме покрај народот на Украина додека се соочува со закани по нивните животи од неиспровоцирана руска агресија. Повикуваме и поддржуваме брз одговор, обединети и силни, од ОН, НАТО и ЕУ против чинот на војна против слободата и суверенитетот на Украина и против мирот и стабилноста во Европа и пошироко, напиша Баша.
Првата реакција беше на премиерот Рама кој преку објава на Твитер напиша дека Албанија се придружува на сојузниците на НАТО и на Европската унија и оти мислите и молитвите се со украинскиот народ. Претседателот Илир Мета порача дека Албанија е со Украина во овој мрачен час и ја повика Русија да ги прекине воените дејствија.