Претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола, како и шефовите на политичките групи во ЕП, најостро го осудија рускиот напад на Украина, изразувајќи целосна солидарност и поддршка за Украина и за нејзиниот народ.

За 1 март е закажана и вонредна седница на Парламентот за украинската ситуација.

„Украина е независна и суверена нација и за нејзиниот територијален интегритет не може да се преговара. Инвазијата е неоправдана и противзаконска. Тоа е закана за европската и за регионалната стабилност, како и за светскиот поредок, заснован на правила. Цел на нападот, е нашиот модел, демократско општество, па не може да се остави без одговор“, се наведува во соопштението на Европскиот парламент.

Од ЕП информираат дека се согласни и одлучни во одговорот на „со ништо предизвиканата руска агресија“, па се повикуваат на „европски и меѓународен одговор без преседан“ што ќе вклучува нови и остри санкции против Кремљ.