Министрите за надворешни работи на 27-те земји од Европската унија ќе се сретнат денеска на итна седница заради руската инвазија врз Украина.
Состанокот ќе почне во 14 часот по средноевропско време и ќе вклучи дискусија за натамошни опции за поддршка на Украина и како блокот треба да се справи со Русија понатаму.
Тоа доаѓа откако лидерите на ЕУ синоќа се согласија за огромен нов пакет санкции против Русија насочени кон енергетскиот, финансискиот и транспортниот сектор на земјата. Пакетот вклучува забрани за извоз на технологија и го ограничува пристапот на Москва до финансиските пазари на Европската унија.
– Пакетот масивни и насочени санкции покажува колку е обединета ЕУ, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа додаде дека мерките вклучуваат санкции „кои се насочени кон 70 отсто од рускиот банкарски пазар и клучните државни компании, како и енергетскиот сектор на Русија.
ЕУ, исто така, ја забрани продажбата на авиони и опрема на руските авиокомпании и го намали пристапот на Русија до „клучна технологија“.