Пред учеството на денешниот вонреден Совет за надворешни прашања на ЕУ, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, за ситуацијата во Украина телефонски разговарал со заменичката – државен секретар на САД Викторија Нуланд, а остварил и низа средби со странски амбасадори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што напиша Дендиас на Твитер, сабајлево свикал и втор состанок на специјалната единица за управување со кризи во Министерството за надворешни работи за помош на грчките граѓани и иселениците во Украина.
Состанок за ситуацијата во Украина утрово одржа и комисијата за управување со кризи во Министерството за миграција и азил на Грција каде што биле разгледани сценаријата при евентуални бегалски бранови од Украина, а станало збор и за обезбедување хуманитарна и техничка помош за земјите кои веќе примиле бегалци.