Претседателката на парламентарната комисија за надворешна политика Мими Кодели, на прес-конференција, пренесувајќи го ставот на Албанија, рече се придружува на апелот на ЕУ-САД до Русија веднаш да ги повлече војниците од Украина, јави дописничката на МИА од Тирана.
„Заедно со нашите сојузници стоиме покрај народот на Украина и нејзиниот претседател, Парламентот и Владата на Украина, а нашите мисли и молитви се со сите семејства на жртвите и повредените“, рече Кодели.
Таа додаде дека „целосно се согласуваат со декларацијата на НАТО за рускиот напад врз Украина“, која всушност ја повикува Русија веднаш да ги прекине своите воени операции и да ги повлече своите сили од Украина.
„Ја повикуваме Русија да се повлече од патот на насилство и агресија. Албанија како членка на НАТО и како кандидат за членство во ЕУ го крена гласот и безрезервно им се придружи на сите земји во корист на Украина, рече Кодели.
Според неа, „нападот врз Украина е чин на војна, акт на агресија, целосно неправеден против суверена, независна и мирна земја“.
„Оваа акција е отворена агресија не само против Украина, туку и против светскиот мир и безбедност. Инвазијата на Украина е флагрантно кршење на меѓународното право, кое Русија тврди дека го почитува, изјави Кодели.